„Обидот на СДСМ да го амнестира Мирослав Шиповиќ пред за тоа да се произнесат надлежните органи претставува преседан и е неоправдано. Очигледно дека институциите на системот располагаат со информации според кои претседавачот на советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ може да се смета за осомничен за учество во милионска проневера и тие, институциите, се единствено надлежни да го дадат финалниот одговор“, соопшти пред новинарите Томислав Лазаров, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар.
Како што тој истакна ниту една партиска функција и ниту една партиска говорница не смее и неможе да го амнестира Шиповиќ или било кој друг политичар од вина за учество во криминал, за кој очекуваме институциите да одлучат.
– Во оваа држава мора да се почитува презумпцијата на невиност, како што бара опозицијата, но мора да се почитува и законот кој важи еднакво за сите.
– Аргументот на Жерновски и на СДСМ дека на овој начин се сака да се добие мнозинство во советот на општина Центар е неодржлив и неоснован. Еве зошто тоа е така:
– Мирослав Шиповиќ е централна фигура во афера во која сомневањата се дека тој како претседател на Управниот одбор на Машино промет преку претходно организирана група проневериле околу милион евра. Оттука СДСМ како негова матична партија треба да му наложи на Шиповиќ веднаш од морални причини да си поднесе оставка и Државната изборна комисија да го именува за советник следниот од листата на коалицијата предводена од СДСМ. Секој друг обид да се протне било која друга теза е чиста манипулација, рече пред новинарите Томислав Лазаров, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар.




