ОБСЕ го осудува физичкиот напад врз новинарка во Скопје и се надева дека полицијата ќе го истражи случајот и дека брзо ќе ги изведе напаѓачите пред лицето на правдата.
Харлем Дезир, претставникот на ОБСЕ за слободата на медиуми, денеска го осуди физичкиот напад врз новинарка во Скопје кој се случи минатата сабота.
– Новинарите мора да бидат безбедни при извршувањето на нивните професионални активности, без да бидат напаѓани и без да им се закануваат. Се надевам дека истрагата покрената од властите брзо ќе ги идентификува напаѓачите и ќе ги изведе пред лицето на правдата – изјави Дезир, додавајќи дека нападите врз новинарите се напад врз правото на јавноста да биде информирана.
Дезир ги поздрави реакциите од политичките партии СДСМ, ВМРО ДПМНЕ и ДС, како и реакцијата на ЗНМ, МАН, ССНМ, АВМУ, СЕММ.
– Важно е секој инцидент да биде санкциониран од локалните власти – рече Дезир, изразувајќи надеж дека јавната осуда од високите власти ќе допринесе за спречување на слични вакви напади во иднина.




