Прочистувањето на избирачкиот список е клучен предуслов за веродостојни избори, порача мисијата на ОБСЕ во Скопје, по вчерашното усвојување на извештајот на Државната изборна комисија за сомнителни гласачи.
“Направени се некои позитивни чекори, како измените на Изборниот закон и новиот состав на Државната изборна комисија, но, сепак голем број прашања треба да се решат до изборите. Едно од нив, ако не и најважното, е прочистувањето на избирачкиот список. Кредибилен избирачки список, во кој ќе веруваат сите граѓани, е клучен предуслов за веродостојни избори“, сметаат од организaцијата која ги набљудува и оценува изборите.
Вчера доцна на седницата членовите на Државната изборна комисија одлучија да се проверат вкупно 199.132 гласачи, од кои 100.426 – теренски.
За 124 072 избирачи, за кои се претпоставува дека се исселени, како што пишува во Извештајот, ДИК одлучи да не се врши никаква проверка, бидејќи според мнозинството членови „нивното гласачко право е неспорно “.
Оваа бројка беше причина членовите од СДСМ да ја напуштат седницата кога се гласаше инсистирајќи проверка да има, бидејќи вкрстената проверка ги исфрлила како сомнителни.
Дополнително за 7.345 гласачи кои не се распоредени по избирачки места, а имаат неспорно гласачко право, ДИК на дополнителна седница ќе одлучува дали со методологијата за водење на ИЗбирачкиот список може да бидат распоредени.
ДИК ќе треба да посетат најмалку 7471 стан и куќа, кои вкрстената проверка ги исфрли како сомнителни бидејќи се запишани по повеќе гласачи на една иста адреса.
Административно ќе бидат проверени 35. 859 избирачи, во кои најголема е бројката на починати – односно за 4 303 е утврдено дека се починати но ги има во избирачкиот список, а за 21. 807 постојат сомнежи дека се починати.
Дополнително 62. 837 избирачи за кои постои сомнеж за издадените лични карти или патни исправи, прво ќе се проверуваат административно, а потоа ако има потреба и теренски.




