Најголем дел од парите кои се собираа од обвинителите и вработените во СЈО, беа донирани во хумантирани цели – велат за НОВА, обвинители од СЈО.

Од СЈО објаснуваат дека идејата, секој обвинител месечно да издвојува пари во заедничкиот фонд била на Катица Јанева и по формирањето на СЈО, со овие пари се плаќале итни поправки во старата зграда каде што првично беше сместено Обвинителството.

„Купувавме тонери за да не ја чекаме набавката, затоа што бевме ограничени со рокот за покренување на истраги, а не смеевме да си дозволиме на друго место да ги копираме материјалите. Еднаш се расипа климатизерот, и затоа што се работи за мала набавка, а ни требаше итно, го купивме од тие заеднички пари. Со тие пари плаќавме и за други поправки“, велат од СЈО.

Освен за санација на разни дефекти, најголем дел од парите, се донирале за лица на кои им била потребна помош – најчесто за лекување, а за кои имало прилози на телевизии.

Соговорниците на НОВА не можеа да потврдат дали Јанева која управувала со парите, побарала овие пари да се искористат за нејзина одбрана како осомничена за Рекет.

Обвинителите секој месец издвојувале по 3.000 денари, а останатите вработени по 1.000 денари.

„И во други фирми се собираат пари и тука нема ништо спорно“, велат од СЈО.

Поранешната шефица Јанева во текот на утрешниот ден пред обвинителката Вилма Русковска треба да даде исказ како осомничена во „Рекет“.