Во Куманово, Прилеп и во Скопје денеска ќе се одржат свечености по повод одбележувањето на антифашистичкото востание и почетокот на народноослободителната војна.
Во Куманово активностите ќе почнат со положување цвеќе на Спомен-костурницата. Владината делегација во Куманово ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, во која се и вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерите за образование и наука Арбер Адеми, за странски инвестиции Зорица Апостолска и пратеници.
Празнувањето во Прилеп ќе се одржат пред спомениците на Методија Андонов-Ченто и на Кузман Јосифоски-Питу, како и на Могилата на непобедените. Владината делегација во Прилеп ќе ја предводи министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан.
Празничните активности и во Скопје ќе почнат со положување цвеќе, на Партизанските гробишта во Бутел, од владина делегација предводена од вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, а ќе присуствуват и министрите за финансии Нина Ангеловска, за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски и за економија Крешник Бектеши.
Премиерот Заев и членови на Владата ќе присуствуваат и на свеченоста во Парламентот, каде што напладне ќе биде доделена државната награда „11 Октомври“ за највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес. Наградата за животно дело во областа на науката ќе му се врачи на академик Љупчо Коцарев, додека во областа на културата и уметноста на актерот Петар Мирчевски и писателот и ликовен уметник Димитри Дурацоски.
Со денешната прослава се одбележува почетокот на организираното востание почна во 1941 година кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција нашата држава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.
Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации, очекува официјален прием во НАТО и датум за почеток на преговори за членство со Европската унија.





