Адвокатското друштво Никола Додовски, кои се застапници на речиси сите осомничени сегашни и екс функционери на ВМРО- ДПМНЕ преку писмена реакција го демантираат Специјалното обвинителство кое вчера посочи дека тие побарале запирање на кривична постапка.
Во реакцијата на Адвокатското друштво се вели дека по одлуката за помилување, запирањето на постапките било должност на СЈО.
„Според Законот за кривична постапка одбраната нема обврска ниту потреба да поднесува барање за запирање на постапката во случаи на помилување, туку СЈО морало да донесе наредба за запирање на истрагите по службена должност и тоа е негова задолжителна законска обврска која настанала на 12 април 2016 година“, се наведува во реакцијата.
На вчерашната прес-конференција Специјалното обвинителство посочи дека дел од аболираните кои се осомничени во случаите побарале запирање на постапките, но СЈО соопшто дека истрагите ќе продолжат.
-Побарано е запирање на постапките од дел на осомничените лица преку адвокатскиот тим во постапките по предметите:Титаник, Тврдина, Тортура, ТНТ и Траспортер и во една предистражна постапка поврзана со незаконското прислушување, рече портпаролката и обвинителка на СЈО Ленче Ристовска.
Специјалното јавно обвинителство во моментов води 7 истражни постапки за 60 лица. Дел од нив се фокусирани на финансиски истраги за кои треба определен временски период за да може да се извлечат заклучоци. Целта како што велат од СЈО е да се покаже дека криминалот не се исплати и оние кои го прекршиле законот нема да одговараат само кривично, туку ќе има и материјална казна, односно ќе им биде одземена материјалната корист.




