Одложено е првото судско рочиште каде на обвинтелна клупа треба да седне гинекологот од болницата во Тетово, кој се товари за тешки дела против здравјето на човекот. Станува збор за лекарот кој во август минатата година со царски рез изврши породување на 33 годишната Виолета Кировска, која почина неколку дена подоцна на скопските клиники.
Лекарот се товари дека несовесно постапувал во текот на породувањето поради што е предизвикана смртта на родилката.
Според обвинителството, гинекологот не ги превземал сите неопходни мерки за да се спаси животот на родилката, за да не дојде до хеморагичен шок поради искрварување, односно интервенцијата ја извршил со задоцнување кога здравствената состојба станала сериозно нарушена.
Основното јавно обвинителство Тетово ќе му предложи на судот, на обвинетиот да му изрече и споредна казна, Забрана за вршење професија лекар. Следното судско рочиште е закажано на 7 април 2016 година.




