Убиено возрасно куче, мачено, одрано, ставено во кутија со префрлена ќеса на главата и фрлено на улица ги вознемири вчера жителите на Чаир.
Малтретираното животно било оставено на улица Крсте Арсенов бр. 5, зад стадионот во Чаир, кај зградите. Случајот веднаш е пријавен во полиција.
Како што потврдуваат за НОВА од СВР Скопје, денеска полицијата ги превзема сите потреби мерки и активности за расчистување на сторителот на ова монструозно дело, за кое Кривичниот закон во член 233 предвидува казна за мачење на животни.
Како што објавувија од здружението за заштита на животни „Анима мунди“ тие по пријавувањето неколку часа чекале да дојде полиција да изврши увид. „Беше направен записник и од МВР изјавија дека ќе продолжат да работат на случајот додека не се најде убиецот. Во текот на денешниот ден ќе се земат изјави од лица кои живеат и работат во близина на бензинската пумпа во скопската населба Чаир“, велат во здружението за заштита на животни.
„Засега не можеме да кажеме ништо освен очигледното – монструм оперира низ улиците на Чаир, умоболен, насилен психопат, кој со сигурност ова не го сторил првпат, зошто кожата е професионално одрана. Огромна благодарност за полицијата и за крим-техничарите, кои веднаш и максимално сериозно пристапија кон истрага. Ги молиме да бидат упорни за да се фати сторителот и да добие најстрога казна“, велат од здружението за заштита на животни „Анима мунди“.




