Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги отфрли предлозите на СЈО за определување мерка притвор против обвинетите С.М., Г.Г., Н.Н., Т.Ј. и Н.Б., за случаите во јавноста познати како „Таргет“ и „Титаник“.
Како што се вели во денешното соопштение, на С.М., Г.Г. и Н.Н. и Н.Б. и Е.Џ., им се определуваат мерки на претпазливост – еднаш неделно да се јавуваат на надлежно службено лице во судот и привремено им се одземени пасошите и забрана за издавање нова патна исправа, додека за обвинетиот Т.Ј. – обврска еднаш неделно да се јавува на надлежно службено лице во судот.
Како што велат извори на НОВАТВ, во предвид не било земено ниту тефтерчето со судии кое ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во разговор со Мијалков го споменува во една од бомбите што ги објави СДСМ во 2015 година.
Против овие решенија, странките имаат рок за жалба од 3 дена до Апелациониот суд.
Во однос на вториот предлог кој до судот беше доставен на 30.06.2017 година, откако одлуките ќе бидат писмено изработени и доставени до странките, јавноста ќе биде известена во текот на утрешниот ден.
Ивица Стефановски и Горан Бошевски се судиите кои одлучуваа по барањата за притвор поднесени од Специјалното јавно обвинителство за случаите „Титаник“ и „Таргет и Тврдина“. Стефановски е судијата којшто не дозволи претрес во станот на Горан Грујовски, осомничен во „Тврдина“.
Кај Бошевски веќе се предметите „Транспортер“, „Трезор“ и „Тенк“.
Стефановски во јавноста стана познат по случајот „Монструм“ и судењето на Јован Вранишковски којшто во домашните и меѓународни извештаи за човековите права имаше третман на полички затвореник и ги отвори прашањата со религиските слободи во земјава.




