За денеска е закажана лидерската средба која ја свика премиерот Зоран Заев и на која тој номинираше три главни теми – законот за јавното обвинителство, пописот и измените на Изборниот законик, со можност на отворање нови.
Иако некои медиуми вчера објавија дека лидерската е откажана, поради откажувањето на лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, од партиските штабови за МИА велат дека ако има какви било промени тоа треба да го соопшти премиерот.
Поканата за лидерска ја прифатија претседателите на ДУИ и на Алијансата за Албанците, Али Ахмети и Зијадин Села, но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски остана на ставот дека нема да присустува.
Вчера од партијата на Мицкоски повторија дека тој нема да оди на лидерската. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека ако воопшто се одржи лидерска средба на која ќе присуствува Мицкоски, тогаш таа ќе биде исклучиво за предвремени парламентарни избори.
Од СДСМ, пак, велат дека Мицкоски бега од лидерската, од реформи и од јавноста. Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски вчера по завршувањето на седницата на Централниот одбор на партијата за тоа како ќе постапат доколку Мицкоски не дојде на средба и како ќе обезбедат двотретинско мнозинство за законот за Јавното обвинителство порача да се почека утрешниот ден да се види исходот.
-Да го почекаме утрешниот ден, да видиме дали тоа ќе се случи, да не дојде. Секако оваа држава има одговорност да бара инструменти да функционираат интитуциите и законите, секој поединец има политичка одоговорност, уште повеќе пратениците имаат обврска во рамки на овој систем да обезбедат поддршка на правдата и на функционирање на институциите во тој поглед, рече вчера Николовски.
Премиерот Зоран Заев пред два дена на прес конференцијата повторно го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски да дојде на лидерската средба в петок, истакнувајќи дека таа ќе се одржи без разлика на неговото учество и оти е негова одговорност дали ќе се појави на средбата.
– Јас сум подготвен за се да разговарам вклучувајќи го она што Мицкоски сака да го нотира. Правам уште еднаш обид, ред е да се појавиме таму. Не мора да се договориме за сите прашања, но треба да разговараме. Тоа е наша обврска, рече Заев.
Исто така Заев рече дека нема намера да исполнува желба за предвемени избори.
– Немам намера да исполнувам желби за предвремени избори, иако знам дека ќе победам, дека власта ќе победи. Но немам намера само заради тоа за да не наштетам на економските перспективи на граѓаните, додаде Заев.
Рече дека очекува Мицкоски да се појави на лидерската средба, истакнувајќи дека тој, како еден од политичките партиципиенти, ќе продолжи да ги турка процесите што ќе ја внесат државата во НАТО и ЕУ, како и зголемувањето на економските параметри, бидејќи, како што рече, тоа е очекувањето на граѓаните.




