Комисијата за заштита од дискриминација во своето истражување опфатила над 300 огласи за вработување, кои биле објавени во април оваа година.
Во 162 огласи е наведен полот односно во 151 случај женско лице, додека само во 11 огласи е наведено дека тоа трева да биде машко лице.
Во 64 случаи е наведена возраста како критериум за основање работен однос. Во 20 огласи наведен е условот на испраќање лична фотографија.
Во 178 огласи е забележана директна дискриминација од страна на работодавецот, а во 12 индиректна.
Околу 80 отсто од огласите биле објавени од страна на приватниот сектор.
Целта на истражувањето е да им се укаже на работодавците да направат промени во праксата на објавување огласи за вработување во однос на постоењето дискриминаторски елементи.
„Препораките и заклучоците од анализата од спроведеното истражување ќе бидат доставени до Владата, а со нив ќе се предлага воспоставување систем за контрола, мониторинг и евалуација во областа на работата и работните односи во процесот на барање работа, објавувањето на огласи за вработување со недискриминациони елементи, обука на новинарите, промовирање на Кодекс на однесување на работодавците, обука и стратегија за професионално работење, и да се промовира начинот на правилно објавување на огласи за вработување и критериумите за вработување“, објасни денеска Миновски.