Досие странски инвеститори:помеѓу ветените и остварените инвестиции…Колку и дали странските инвестиции помогнаа во бришењето на лица од графите „невработени“? …Како инвеститорот го третира македонскиот работник?…Има ли незадоволство помеѓу домашните бизнисмени? Трет дел од серијалот на НОВА посветен на странските инвестиции низ државата
Охриѓани и стружани со години чекаат на првиот индустриски капацитет после периодот на уништување и затворање на некогашните индустриски гиганти. Како предуслов за тоа е отварање на индустриската зона во Струга односно на потегот помеѓу Охрид и Струга.
Од индустриската развојна зона во Струга која Владата ја најави уште пред одржувањето на локалните избори минатата година за сега нема ништо. Тогаш беше речено дека во Струга ќе никнат две фабрики од автомобилската индустрија и дека во регионот ќе бидат отворени неколку илјади вработувања. Индустриската зона во Струга за сега е само обична ливада.
„Летово ќе почне изградбата и веќе во октомври годинава зоната во Струга ќе биде подготвена да ги пречека идните инвеститори. Засега имаме најави за инвестиции од две европски компании, рече министерот за финансии Зоран Ставревски на 4 април, 2013 година.
Ниту општината ниту германската амбасада чуле за фамозниот инвеститор
Владејачката партија пред парламентарните избори годинава најави дека во Охрид наскоро доаѓа ODW ELECTRIC, германска компанија од автомобилската индустрија која ќе вложела 15 милиони евра. Беше најавено дека фабриката со редовен производствен процес ќе почне во септември или октомври оваа година, а претходно, околу 100 вработени ќе бидат испратени на обука во Германија. Фабриката за почеток треба да почне да работи во веќе постоечки капацитет на потегот помеѓу Охрид и Струга се до изградба на фабриката во зоната.
„Плановите на овој германски гигант се да почне изградба на голем производствен капацитет од 10.000 м2. Се работи за германски производител на мехаторника, за воздушни перничиња, сигурносни појаси, електромотори и тоа за потребите на големите автомобилски гиганти во Германија“, рече Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Градоначалникот на Струга, Зијадин Села, за НОВА рече дека до сега до нив како општина не се стигнати никакви најави дека Германци треба да градат фабрика во индустриската зона во Струга. Според него, индустриската зона е точно определена каде ќе биде лоцирана, но оти за сега таму не е изградена никаква инфраструктура.
И Германската амбасадорка во Македонија, Гурдун Штајнакер , при последната посета на Струга пред неколку дена на прашање на НОВА за каква инвестиција станува збор, рече дека се што знаат за најавената германска инвестиција е од медиумите.
„Ние само од медиумите знаеме дека станува збор за инвестиција во Охридско-струшкиот регион на компанијата ODW ELECTRIC. Други информации за сега немаме ниту е тоа официјално соопштено кон нас од страна на компанијата. Компанијата ни се нема обратено, ниту пак на Германско-македонската стопанска комора“, изјавија од Амбасадата на Германија.
Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, за НОВА рече дека со германската компанија се во постојан контакт и оти ги вршеле сите неопходни активности за старт на инвестицијата.
„Со компанијата ги правиме сите активности кои се неопходни за да се започне . Но плановите се на компанијата, а ние сме тука само да помогнеме за да се реализираат нивните желби и потреби. Тие лично кажаа што прават, ние си ја бркаме работата и сигурни сме дека во многу блиска иднина тоа ќе се види и на терен рекоа тие. Тие не замолија до моментот додека не започнат со активности дека нема потреба да се креира медиско експонирање. На почетокот ќе почнат со работа во објект во охридскиот регион. Компанијата ќе си го одбере објектот и најпрво истиот ќе се адаптира според нивните потреби“, рече Мизо за НОВА.
Чекајќи ги инвеститорите
По истиот принцип, според Мизо ќе започне со работа и американската компанија за производство на заштитни перничиња за автомобило „Ки сејфи системс“ во Кичево. Тие за почеток ќе почнат да работат во погон на Кикотекс некогашна фабрика во овој град.
Во Охрид изминатите години се најавуваа неколку крупни проекти, од хотели па се до индустриски капацитети, но до нивна реализација не дошло.
„Тоа се француски инвеститор за фабрика за авто галантерија во состав на Отекс со 1000 вработувања помпезно најавена, никогаш нереализирана. хотел Радисон во Горица – помпезно најавена во медиумите, никогаш нереализирана. холандски хотел во Рача – помпезно најавен никогаш нереализиран. хотел Ексцелзиор – најавен, никогаш нереализиран. руски комплекс со бањи во Љубаништа. турска болница која силно се најавуваше, изјави Ванчо Костовски, претседател на ОК на ВМРО-НП во Охрид.
Охрид во моментот е град во Македонија со најголема невработеност и град од каде се иселуваат најмногу граѓани. Неофицијалните проценки се дека од град со речиси 60000 жители, сега таа бројка е преполовена.
Една од најреалните инвестиции во охридско-струшкиот регион во моментот е онаа на турската компанија Фибула која интензивно работи на реконструкција на хотелот Изгрев кај Струга. Хотелот ќе биде со 5 звезди и во него ќе ги има сите неопходни содржини од спа центри, аква парк, затворени и отворени базени, турска бања, спортски игралишта. За почеток во Изгрев ќе бида вработени околу 250 луѓе, а хотелот треба да започне со работа со почетокот и на туристичката сезона.
Во Охрид изминатите години доѓаа безброј странски компании од многу држави кои пројавуваа интерес да вложуваат во Охрид, но граѓаните не видоа ниту една конкретна активност на тој план. Последната од нив беше посетата на делегација од Катар на која се разгледувале за можностите за инвестирање во Охрид.
Пред изборите беше поставен и камен темелник за изградба на автопатот од Кичево до Охрид. Граѓаните очекуваат да стартува овој проект, за кој што велат дека е од огромно значење за Охрид и целиот регион.
Најавените инвестиции во охридско-струшкиот регион, како и во кичевско, се можеби последна шанса да се намали високата стапка на невработеност, а со тоа малку да заживее овој крај, вели за НОВА, Анастас Дуроски професор по економија на Државниот Универзитет во Кичево.
„Во контекст на ниските цени на наемнините, се очекува во иднина уште позасилен тренд на инвестиции во овој регион кој што располага со голем број потенцијални работници односно заедно Кичево, Охрид и Струга со преку 20000 лица. Во минатото во овој регион развојната политика не беше базирана само на туризмот туку на индустријата, рече Дуроски
Се разбира, има и такви инвестиции поради кои охриѓани чувствуваат олеснување што не се оствариле.
„Сакаме работа, нејќеме да бегаме, ама не го сакаме Субрата Рој. Ете не верував дека ќе речам вакво нешто, ама поарно да сум си без работа, отколку Субрата од Охрид да прави коцкарница“, вели средовечен жител на Охрид кој сакаше да остане анонимен.




