Основното јавно обвинителство – Штип оформи предмет со цел да се утврдат причините за смртта на пациентот од Берово кој бил третиран во ЈЗУ Клиничка болница Штип.

Јавниот обвинител, согласно член 236 и член 246 од Законот за кривична постапка, денеска издаде Наредба за ексхумација, обдукција и идентификација на телото на починатото лице, која ќе ја изврши Институтот за судска медицина – Скопје. Од Обвинителството информираат дека постапуваат со цел да ги испита наводите за евентуална лекарска грешка при третманот на сега починатото лице.

„Надлежниот јавен обвинител издаде повеќе наредби до МВР-СВР Штип и до ОВР Берово со цел да се прибави целокупната медицинска документација околу текот на лекувањето на починатото лице од сите приватни и јавни здравствени установи и ординации каде пациентот побарал лекарска помош. Исто така, полицијата е задолжена да изврши разговори со лекарите и со останатиот медицински персонал кој постапувал, како и со членови на семејството на починатиот пациент“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство – Штип.

Претходно, Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведе вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница Штип.

Роднините на починатиот на социјалните мрежи информираа дека тој починал откако добил сепса по дренирање на заб во штипска болница.

„На ден 23.08 пациент на возраст од 25 години е префрлен од Клиничката болница во Штип во многу тешка состојба и на респиратор. Пациентот на прием со знаци за тешка системска инфекција. И покрај напорите на медицинскиот тим на КАРИЛ и дадената соодветна медицинска нега, пациентот за жал почина за помалку од 24 часа“, соопшти вчера директорот на Клиниката за трауматологија ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Александар Трајановски.

По завршениот вонреден инспекциски надзор, Министерството за здравство соопшти дека јавноста ќе биде поконкретно информирана.