Основното јавно обвинителство денеска преку соопштение го појаснува обвинението за оддавање службена тајна кое е поднесено против Александар Митовски од порталот Инфомакс за објавување на првата страница од исказот на бизнисменот Орце Камчев за случајот „Рекет“, откако новинарските здруженија и медиумски организации реагираа дека треба да се гони тој што ги изнел записниците, а не тој што ги објавил.
Од ОЈО го цитираат Член 360 став 1 од Кривичниот законик според кој кривичното дело оддавање службена тајна „го сторува тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците кои претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице“, како и ставот 4 од истиот член на Кривичниот законик, каде с енаведува дека „како службена тајна се сметаат податоците или документите што со закон, со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донесени врз основа на закон се прогласени за службена тајна и чие откривање има или може да има штетни последици за службата“.
Според член 289 од Законот за кривична постапка, сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител се сметаат за тајна, велат од ОЈО.
-Во конкретниот случај обвинението беше поднесено, бидејќи со објавувањето на првата страница од Записникот за прием на кривична пријава изготвен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на интернет порталот www.infomax.mk на јавноста и беа сторени достапни податоците што претставуваат службена тајна. Со Записникот за прием на кривична пријава се поведува предистражната постапка и тој записник претставува составен дел од предметот и од обвинителските списи кои што се службени по својата природа. Затоа со објавувањето на записникот е постапено спротивно на член 289 од Законот за кривична постапка.
Јавното обвинителство, како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела, согласно својата уставна и законска положба, е обврзано да ги гони сите сторители на кривични дела за кои се обезбедени докази на законит начин, како што тоа е направено во конкретниот случај.
Јавното обвинителство, тргнувајќи од уставната и законската поставеност, во целост го почитува начелото на транспарентност за сите предмети кои се од интерес на јавноста и редовно известува за тековното постапување во тие предмети. Но, притоа Обвинителството во целост ги почитува уставно и законски загарантираните права и на осомничените, и на оштетените, како и на сите други учесници во кривичната постапка. Со информирањето за обвинителското постапување не е дозволено да се прекршуваат законските прописи и да се нарушуваат правата на странките во постапката, с евели во соопштението.
Здружението на новинарите (ЗНМ) вчера преку соопштение порача дека „Обвинителството не треба да ги гони оние што ги објавиле документите, туку личноста која имала пристап до службени тајни и истите ги изнела и ги дала на медиум“, а бидејќи случајот на којшто се однесува протечениот документ е високо-профилен, уште повеќе треба да го зголеми притисокот врз Обвинителството да ги употреби сите ресурси и службена легална моќ за да открие како се случило протечувањето за да има гаранција дека во иднина ќе се запазува тајноста на истрагите.
Доколку Обвинителството настојува на продолжување на обвинителниот акт ЗНМ ќе побара од Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинителниот предлог со цел да се запре постапката, бидејќи како што велат од ЗНМ ваквите судски прогони дополнително можат да создадат негативен ефект врз слободата на говорот и да поттикнат самоцензура, особено за предмети во кои се обвинети јавни личности за злоупотреба на должност и корупција.
Исто така од ЗНМ потсетуваат дека Советот за етика во медиумите (СЕММ) само минатата година против порталот „Infomax.mk” има донесено 3 одлуки за прекршување на професионалните и етичките стандарди и објавување дезинформации, и во таа насока, укажуваат доследно да се почитува Новинарскиот кодекс со цел да се поттикне и оправда довербата на еснафот и пред се граѓаните.




