Управата за јавни приходи по истекот на рокот информира дека околу 5.000 фирми не набавиле фискална каса со ГПРС-уред. Освен парични казни, според УЈП може да следува и затворање на фирмата затоа што во законскиот рок, до пред два дена, не купиле нова фискална каса.
Последниот ден 3.958 обврзници набавиле 9.100 фискални апарати со ГПРС-уред.
Во првата фаза 8.900 фирми кои претходната година имале промет повеќе од 10 милиони денари, како и обврзниците што вршат угостителска дејност и промет на нафтени деривати на мало (бензински пумпи), требаше да набават од новите фискални каси. До крајот на јануари наредната година тоа ќе треба да го направат и други 39.600 фирми.
Според законот, на фирмите кои не го почитувале рокот, ќе им следува привремена мерка забрана за вршење дејност и парични глоби за правното лице и за одговорното лице доколку немаат воведено фискален систем со ГПРС. Казните се од 300 до 1.500 евра, а може да им се изрече и казна забрана за вршење дејност од 1 до 3 години.