Поради блокираните сметки скопската компанија „Окта“ одлучи да не доставува нафта до „Макпетрол“, јавува телевизијата „Алсат“ од свои извори во раководството на компанијата.
Според „Алсат“, Макпетрол располага со залихи на своите бензиски пумпи за уште два дена.
Сметките на „Макпетрол“ беа замрзнати по отпочната истрага против повеќе лица во раководството на „Макпетрол“, меѓу кои и претседателот на Управниот одбор Андреја Јосифовски, како и вработени во Централниот регистер и централниот Депозитар на хартии од вредност. Полицијата ги сомничи дека учествувале во незаконско прелевање на капитал од АД „Макпетрол“ во Командитното друштво со акции „Оилко“. Искористувајќи ја службената положба според МВР осомничените им нанеле штета на акционерите од 6 милиони евра.
„Макпетрол“ вработува 3.000 лица и по замрзнувањето на сметките, како и на движниот имот, во прашање е доведено функционирањето на компанијата, а експертската јавност стравува дека е можна енергетска криза доколку „Макпетрол“ не успее да доставува нафта до потрошувачите.
Во јавноста, исто така, се отворија и прашањата за селективноста на постапката против првите луѓе на „Макпетрол“.




