Групацијата Телеком Австрија објави дека е договорено спојување на нејзината подружница Вип оператор со компанијата Оне (подружница на Телеком Словеније) во Република Македонија.
Телеком Австрија ќе поседува 55 отсто удел во компанијата и ќе има целосна контрола врз новосоздадениот ентитет, додека Телеком Словеније ќе задржи 45 отсто. Договорот, исто така вклучува опции за купување и продажба, ако Телеком Словенија излезе од заедничкото вложување во рок од три години од затворањето на спојувањето.
Затворањето на трансакцијата се очекува да биде финализирано до средината на ноември, кога и ќе бидат објавени повеќе информации. Се чека, исто така, одобрување од страна на надлежните институции во Република Македонија и се очекува затворање на трансакцијата во првиот квартал од 2015 година.
Оне е третиот по големина мобилен оператор во Република Македонија, со пазарен удел од 23,6 отсто и корисничка база од околу 528.000 корисници на 31 декември 2013. Во 2013 година Оне достигна приходи од 75.5 милиони евра и Заработка пред камати, даноци, амортизација и депресијација (ЕБИТДА) од 14,4 милиони евра.
Телеком Австрија Групацијата нуди мобилни услуги во Република Македонија преку својата подружница Вип оператор од 2007 година. Со пазарен удел од 28,1 отсто и околу 630.000 корисници на крајот на 2013 година. Вип оператор е втор по големина мобилен оператор во земјата. Приходите изнесуваа 65 милиони евра, а ЕБИТДА 14,7 милиони евра. Со купувањето на Близу Македонија во јули 2014 година, Телеком Австрија Групацијата исто така нуди и фиксни услуги на македонскиот пазар.