Советничката група на Сојузот за иднината поднесе Иницијатива за воведување на бесплатен превоз на студентите во Скопје, која денес се наоѓа на дневен ред на седницата на Советот на град Скопје, изјави Зоран Шапуриќ од советничка група на Сојузот за иднината.
– Се работи за позитивен предлог, кој што е насочен кон подобрување на услови за живеење и работа на студентите, очекуваме, покрај советниците од опозицијата таа да биде изгласана и од претставниците на власта. Односно, дека и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со нивните коалициони партнери, како и градоначалникот на град Скопје, Трајановски Коце ќе ја подржат ова иницијативата, изјави Шапуриќ.
Според иницијативата за бесплатен превоз на студентите, бесплатниот превоз би се однесувал за сите редовни студенти што студираат во градот Скопје, за време на наставната година, во период од 1-ви октомври до 30-ти јуни, во сите денови освен во недела и за време на државните празници, од 8 до 21 часот. Бесплатниот превоз би важел за сите автобуски линии по кои сообраќа Јавното сообраќајно претпријатије Скопје.
За бесплатниот превоз на студентите, ЈСП Скопје, би добивало субвенции од буџетот на градот Скопје а овие средства би се обезбедиле со првиот нареден ребаланс на буџетот на градот. Сметаме дека обезбедувањето на средства за бесплатен превоз на студентите не претставува посебно големо оптоварување на буџетот на градот.




