Синоќа на полноќ истече рокот за поднесување листи на кандидати за градоначалници и за членови на совети за претстојните локални избори.

Државната изборна комисија најави дека утре ќе соопшти официјално кој доставил кандидатури за изборите закажани за 24 март.

Кандидатури за изборите поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и другите партии од коалицијата „За подобра Македонија, ДУИ, ДПА, НДП…

На локалните избори ќе учествуваат и 29 независни кандидати, а потписи беа собрани и за 95 независни советнички листи.

Опозициската СДСМ и неколку други помали партии најавија бојкот на изборите.

Со соопштенија за бојкот на изборите вчера се огласија и ЛП, ЛДП и Партијата за движење на Турците.

Сепак актуелниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, доцна синоќа најави ќе се кандидира преку партијата на Драгиша Милетиќ, чија партија поднела советнички листи и истапила од коалицијата.

„Сметам дека со излегување на избори ќе направиме да се дојде до една порелаксирана состојба, затоа што сметам дека Карпош мора да оди понатаму и ние кои се бавиме со политика се бориме да дојдеме до избори и таму треба да се потврдуваме“, изјави Јакомовски за НОВА.

Неговата објава дека оди на избори и покрај бојкотот на неговата матична партија СДСМ предизвика низа негативни реакции во јавноста и на социјалните мрежи.