Општина Центар и натаму е во блокада, откако 32 лица добија откази од 13-ти овој месец уште една група на кои им истекуваат договорите за работа ќе останат без ангажман.
„Со ова општината е блокирана и неможе нормално да функционира, бидејќи на улица е комплетниот кабинет на градоначалникот Жерновски“, рече Катерина Цаневска.
Поради одземањето на лиценцата на Агенцијата за привремени вработувања, уште 14-мина вработени ќе останат без решение за работа, со што бројката на општинари кои остануваат на улица ќе се зголеми на 47 лица, повеќето клучни за раководењето на неколку сектори. Од општината велат дека доаѓа до кулминација сценариото на власта за целосна блокада на Центар.
Блокиран е и Советот на Општина Центар, претседавачот Мирослав Шиповиќ е во притвор.
32-ца вработени од општина Центар на втори јануари останаа без работа, откако и втората агенција преку која беше регулиран нивниот статус – времено вработени, беше известена од Владата дека и е одземена лиценцата за работа, со што не можеше да им продолжат договорите за работа.
Обезглавени се повеќе сектори, а градоначалникот Андреј Жерновски останува без својот комплетен Кабинет, помошници раководители на сектори (просторно уредување и планирање, осветлување, зеленило), како и секретарка.
Не беа поштедени ниту хигиеничарите, како и одговорното лице за народната кујна во Маџир Маало.




