Лага е дека за асфалтирање на една иста улица во општина Струмица биле распишани четири посебни договори, реагираат од општина Струмица на денешното соопштение на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал дека е покрената истрага за висок функционер во оваа општина.
„Не е точно дека се работи за една улица туку се работи за четири посебни улици. Улиците дури и не се наоѓаат во непосредна близина. За нив е извршена посебна проценка при што е утврдена поединечна вредност за секоја улица и нивната вредност поединечно не надминува 5.000 евра. Врз основа на пресметките за секоја улица посебно, е изготвен Годишен план за јавните набавки, при што согласно проценетата вредност, а и согласно Законот за јавни набавки е предвидена постапка со барање за прибирање понуди“, велат од општината.
Од таму додаваат дека целокупната документација на општина Струмица е јавна и транспарентна, општината така работи и така ќе продолжи да работи.