Кандидатот на опозицијата Гергели Карашоњи е нов градоначaлник на Будимпешта. Тој освои повеќе од 50 проценти од гласовите и го победи кандидатот на владејачката партија на Виктор Орбан – Иштван Тарлош кој беше градоначалник на Будимпешта од 2010 година.
Опозицијата, според првичните резултати освои и 17 делегати во Собранието на Будимпешта, власта ќе има 14 делегати, а поддршка добија и двајца независни кандидати.
Карашоњи кој беше поддржан од повеќе опозициски партии во својот говор по победата рече дека „ова е прв чекор за промена на Унгарија“ и дека „ќе ја врати Будимпешта во Европа“.
„Изборите се доказ дека силата на народот е секогаш поголема од силата на еден човек“, рече Карашоњи.
Опозицијата освен во Будимпешта победи и во десет поголеми градови.
Локалните избори се сметаа за клучен тест на опозициската стратегија заеднички да настапат поддржувајќи еден кандидат против партијата на Орбан, кој оствари седум последователни победи на изборите на локално, национално и на европско ниво од 2010 година.
Орбан синоќа изјави дека ќе соработува со новите градоначалници од опозицијата но и јасно стави до знаење дека вечерашните резултатите нема лесно да ја разнишаат неговата влада.
„Изборите покажаа дека најсилна партија во Унгарија е Фидеш и Христијанско демократската народна партија. Ќе продолжиме да се однесуваме соодветно на тоа“, рече Орбан.




