Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, вечерва во гостување на ТВ21 околу датумот за отпочнување на преговори со Европската Унија рече дека дека мора да се врши притисок насекаде и во Брисел и во Скопје.

– Тоа е моја работа. Ние работиме на 14 декември да добиеме датум за отпочнување на преговори. Ако не биде тоа, може и на 15 декември, па може и на 16 декември Бугарија да го повлече ветото. Најкасно во јануари, очекувам да имаме нова Влада во Бугарија. Ние нашите обврски сме ги завршиле, но работиме сериозно сега на 14 декември да добиеме датум… Замислете, 10 часа траеше кризата во државата. Чекавме да видиме дали ќе падне Владата. Владата не падна, но тие 10 часа целиот фокус на големите ЕУ сили беше кон нашата земја. Нивниот интерес за Северна Македонија е голем. Сега сите работиме за добивање на датум за отпочнување на преговори, порача Османи.

Тој проценува дека мнозинство со политичката партија Левица внатре, води кон дестабилизација на земјата.

– Една партија која во својата програма има напишано дека потребно е да излезе од НАТО, тоа води кон дестабилизација. Тоа е неприфатливо. Замислете во Германија да има партија која бара Германија да биде надвор од НАТО и да биде дел од Влада? Незамисливо. Значи ние сме отворени за соработка со сите партии, освен со Левица. Со нив е невозможна соработката. Таа партија е анти-НАТО. Ќе видиме што ќе покаже времето. Таму имаше инструкции и мешање од надвор. Да почекаме да заврши истрагата и ќе видиме дали имало мешање од надвор. Не можам да тврдам, но верувам дека имало обиди за мешање од надвор, вели Османи.

Тој откри дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети имал средба со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.

– Како што Заев се среќава со пратеници, така и Али Ахмети. Конкретно се има сретнато со Африм Гаши, рече Османи.