Основачот на Хуавеи, Рен Женгфеи , коментирајќи ги американските потези, вели дека САД ги “потценуваат” способностите на неговата компанија.
Во изјава за кинеските државни медиуми, Рен оцени дека влијанието на неодамнешните американски ограничувања ќе биде незначајно, додавајќи дека никој во блиска иднина нема да може да ја достигне нивната 5G технологија.
-Сегашната практика на американските политичари ја потценуваат нашата сила, изјави Рен.
Минатата недела, Трамп ја стави Хуавеи на листата на компании за кои американските фирми не можат да тргуваат, освен ако немаат дозвола.
Овој потег означи ескалација на американските чекори за блокирање на кинеската компанија.
Хуавеи се соочува со се поголем број реакции од западните земји, предводени од САД, поради можните ризици кои наводно ги претставува користењето на нивните производи во мобилните мрежи од следната генерација.
Потенцијалните последици од ваквата одлука на САД добија поголема димензија откако вчера Гугл соопшти дека ќе го ограничува пристапот до ажурирањето на Андроид за телефоните на Хуавеи.
Но, подоцна вчера, одделот за трговија во САД издаде привремена дозвола која им овозможи на некои компании да продолжат да ги поддржуваат постоечките Хуавеи мрежи и уреди.
САД соопштија дека ќе издадат дозвола со траење од 90 дена која “ќе овозможи продолжување на постоечките операции за постојните корисници на мобилни телефони на Хуавеи и руралните широкопојасни мрежи, соопшти американскиот секретар за трговија Вилбур Рос.
Ова е обид да ограничат последици од извозни ограничувања за кинескиот производител на телекомуникациска опрема, објави Фајненшал тајмс.
Со лиценцата се намалуваат претходно наметнатите ограничувања на американската влада да забрани продажба на технологии од кинескиот Хуавеј.
Привремената дозвола ќе трае до 19 август.
Но, Рен го минимизираше значењето на овој потег, велејќи дека Хуавеи направил подготовки уште пред ограничувањата од САД.
Хуавеи е со месеци во центарот на американско-кинеската борба за технолошка превласт.




