В петок Зоран Заев ќе ја ефектуира партиската оставка, пренесе „Фокус“. Седниците на високите партиските органи, Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, требаше да се одржат вчера, но тие беа одложени поради несреќата во Бугарија во која загинаа 45 патници, а во земјава на сила е тридневна жалост, заклучно четврток.

По овој процес во СДСМ треба да стартува процедурата за внатрепартиски избори, на кои ќе се избере идниот претседател на СДСМ, кој според Заев треба да биде и премиер.

Неофицијално еден од можните наследници на функцијата е Димитар Ковачевски, кој го придружуваше Заев на лидерската средба со Африм Гаши.

Според информациите, дел од сопартијците на Заев планираат повторно да се обидат да го премислат за оставката, особено поради фактот што сè уште нема одлука дали Алтернатива ќе влезе во владата.