Американскиот претседател, Доналд Трамп, му нареди на Израел „веднаш“ да престане со бомбардирањето на Газа, откако Хамас делумно го прифати неговиот мировен план за ставање крај на речиси двегодишната војна.
Хамас се согласи да ги ослободи сите заложници во замена за палестинските затвореници што се држат во израелските затвори, како и да се откаже од власта во Појасот Газа.
Палестинската милитантна група побара понатамошни преговори за другите делови од планот и не кажа дали ќе го положи оружјето – клучен дел од предлогот на американскиот претседател.
Трамп го поздрави чекорот на Хамас како сигнал дека е подготвен за траен мир на Блискиот Исток.
„Врз основа на изјавата што ја даде Хамас, верувам дека тие се подготвени за траен мир. Израел мора веднаш да го запре бомбардирањето на Газа за да можеме безбедно и брзо да ги извлечеме заложниците“ изјави Трамп на социјалната мрежа Truth Social.