Барселона му врачи отказ на својот директор за спортски односи Пере Гратакос поради коментарот дека Лионел Меси не би бил толку добар фудбалер без поддршка од соиграчите.
„Лео е еден од најважните играчи во екипата, но не се врти се околу него. Тој не би бил толку добар без Иниеста, Нејмар и останатите“, истакна Гратакос.
На ова следуваше брза реакција на клубот кој го разреши од должност бидејќи „јавно изразил ично мислење што не е во рамки на клупското“.
„Одлуката ја донесе спортскиот директор Алберт Солер кој ќе ја преземе неговата улога. Гратакос останува поврзан со Барселона преку проектот Масија 360“, објави клубот од „Камп Ноу“.
Реакцијата на Барселона се толкува како поврзаност со чувствителната ситуација околу останувањето на Меси во клубот. Договорот на Аргентинецот завршува во јуни во 2018 година, а преговорите за обновување на соработката се навлезени во комплицирана фаза.