Агенцијата за катастар на недвижности поведе дисциплинска постапка против петмина вработени, државни службеници, за направениот пропуст во врска со продажбата на парцела спроти Народната банка на РМ.
Согласно членот 68 став (2) од Законот за државните службеници изречена им е дисциплинска мерка – престанок на вработувањето, но таа се уште не е правосилна потврдуваат изворите на НОВА во Катастарот.
Дисциплинската комисија утврдила дека петте државни службеници сториле дисциплински престап – неизвршување односно несовесно и небрежно вршење на службената должност, како и давање на неточни податоци на државните органи, со што е предизвикана потешка значителна повреда на службената должност и угледот на службата, односно на Агенцијата за катастар на недвижности, соопштуваат од Агенцијата.
Земјиштето во близина на „Веро-центарот“ минатиот месец беше продадено за само 71 денар по метар квардратен, а медиумите објавија дека го купила албанската компанија „Амадеус стоун“, истата компанија која треба да ги гради Шпанските скали.
Парцелата во Маџир Маало кај Веро Центар бше продадена за само 3.296 евра. Маркичката предвидува изградба на седумкатен објект во барокен стил, со хотелиерска намена.
Пред да ја поништи продажбата ниската цена при продажбата, Министерството за транспорт и врски ја правдаше со Уредбата од 2010 година со која државното земјиште преку кое ќе се привлекуваат странски инвестиции и развој на туризмот треба да се продава за почетна цена од едно евро за квадрат.
Во образложението на Mинистерството за транспорт и врски за поништување на тендерот за скандалозната продажба беше неведено дека до министерството се обратиле странки, односно физички лица кои понудиле докази дека дел од земјиштето е во нивна сопственост.
Наддавањето за земјиштето беше поништено, на крајот на јануари, а уплатените 3.296 евра за 2.855 м2 во строгиот центар на градот и беа вратени на фирмата „Амадеус Стоун ДООЕЛ“.




