Отсуството на пратеникот Никола Груевски од собраниските седници повеќе нема да се води како оправдано, а платата ќе му се намалува за 5 отсто во наредните месеци, е заклучокот од координацијата кај собранискиот спикер Талат Џафери.
Координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието кои учествуваа на средбата се договориле дека по изминувањето на шесте месеци неоправдано отсуство на Груевски, повторно ќе го стават на дневен ред одземањето на неговиот пратенички мандат , како што предвидува Уставот во членот 65.
За одземање на мандатот и по овој основ е потребно двотретинско мнозинство, кое минатата недела не успеаа да го обезбедат пратениците, кога со 58 гласа „за“ и 29 „против“ не беше изгласано одземање на мандатот на Груевски.




