Централната свеченост на отворање на Сахара Балканскиот мировен фестивал, кој ќе се одржи во среда на 2. октомври, во Скопје, е планирано да се одвива во Новиот народен театар, дознава НОВА.
Фестивалот ќе биде отворен утре попладне со факел на мирот што низ Скопје ќе го носат македонски јавни личности. Официјалното започнување ќе биде со полноќен настан на Камениот мост кој заедно со центарот на Скопје ќе бидат обоени во сино. На плоштадот „Македонија“ и на Камениот мост ќе настапат индиски танцови групи и деца од СОС Детското село.
На 2 октомври, во среда, ќе биде одржан добротворен мировен самит. Организаторите најавуваат присуство на околу педесетина светски лидери поранешни претседатели, премиери, министри, амбасадори, холивудски ѕвезди и претставници од балканските земји. Меѓу говорниците ќе биде и поранешниот британски премиер Тони Блер.
По повод фестивалот, во Скопје пристигна и сопственикот на Сахара групацијата, Субрата Рој.
Организацијата на фестивалот е спонзорирана од Сахара групацијата, под покровителство на Владата на Република Македонија.
Датумот на одржување на фестивалот е избран како роденден на Махатма Ганди, ден кој Обединетите Нации го прославува како Меѓународен ден против насилството.
Сопственикот на компанијата „Сахара Паривар“, контроверзниот бизнисмен Субрата Рој кој во својата земја Индија се гони за проневери, синоќа пристигнал во Скопје.
Тој е во земјава заедно со своето семејство, а ќе има свое обраќање на отворањето на Сахара Балканскиот мировен фестивал.




