Тројцата професори од Штипскиот универизитет кои штрајкуваат со глади и кои добија масовна поддршка од своите колеги денска се обратија до ректорот на универитетот во Штип со отворено писмо. НОВА ви го пренесува интегрално:
Почитуван Ректоре,
Тврдите дека Универзитетот Гоце Делчев е неосновано вовлечен во проблем и без никаква своја вина. Само за потсетување: Државниот просветен инспекторат досега во неколку постапувања констатира работење спротивно на Законот за високото образование од страна на деканот на Економски факултет, како и од страна на дел од професорите вработени на Економскиот факултет. Како Ректор, веројатно требаше да поведете сметка за таквото работење на Економски факултет. Ништо не презедовте!
За последниот случај којшто не’ принуди нас како професори, како и сета професорска фела и СОНК на ваков чекор, ние превентивно разговаравме со Вас да преземете мерки за да не се наруши кредибилитетот на Универзитетот. Вие Ректоре, и покрај Вашето ветување дадено до нас, повторно не презедовте ништо, туку сето тоа беше само купување на време и нехуман чин на Ваше манипулирање со нас.
Почитуван Ректоре, членовите на Рецензентските комисии ги има изгласано Наставно-научниот совет што значи дека истиот се согласил со стручноста и компететноста на предложените членови на Рецензентските комисии. За составот и структурата на Рецензентските комисии целосно се почитувани одредбите од Законот за високо образование, Статутот на УГД и Правилникот на УГД.
Рецензентските реферати се контролирани од универзитетско тело во кое членуваат: проректор за наука, проректор за настава, генерален секретар на УГД, декан на Економски факултет и секретар на Економски факултетот. Ова тело даде согласност дека Рецензетските комисии при изготвувањето на Рецензентските реферати целосно ги почитувале законските одредби при евалуацијата на нашите наставно-научни, научно-истражувачки и стручно-апликативни активности. Позитивното мислење на ова тело претставува виза Рефератите да бидат објавени во Универзитетски билтен. Почитуван Ректоре, во ова универзитетско тело влегуваат тројца редовни професори од УГД и двајца правници од УГД. Ректоре, зарем Вие го доведувате во прашање кредибилитетот на членовите кои Вие сте ги делигирале во ова тело?.
Почитуван Ректоре, на крај Ве молиме да престанете да манипулирате со нас и со јавноста, и наместо енергијата да ја трошите на, по сите основи, неприфатливи предлози, најдете начин ВЕДНАШ да го решите проблемот што го создадовте, а тоа значи да се прифатат рефератите на рецензентските комисии, се вели во отвореното писмо на тројцата професори како одговор на изјавата на ректорот.
Во изјавата испратена до медиумите ректорот Саша Митрев најави дека ќе го разреши деканот на Економскиот факултет доколку тројцата доценти кои штрајкуваат ги исполниле условите, а не биле избрани за вонредни професори, и воедно побара да се повлечат доколку тие услови не ги исполнуваат.
– За да се избегнат какви било манипулации со јавноста, за да се избегне ситуација на маченици и репресивна управа на Универзитет, ги повикувам доцентите-штрајкувачи да одредат тројца редовни професори од групата од наставници која сака да се вклучи во штрајкот или кои било други наставници кои штрајкувачите ќе ги одредат, заедно со еден правник и еден редовен професор од УГД и еден претставник од МОН, да направат точна и недвосмислена евалуација на сегашните рецензии на тројцата наставници и нека излезат со извештај до јавноста дали сегашните рецензии на овие наставници ги задоволуваат нормите за избор на вонредни професори кои се предвидени во Законот за високо образование. На мислење сум дека само вистината може да биде решение на овој создаден проблем, вели ректорот Митрев во писмената изјава во медиумите.




