-За време на сите разговори во Скопје ја потврдив важнноста што САД ја даваат на односите со Северна Македонија, нашето задоволство што Сенатот го ратификуваше Протоколот за НАТО, и ние очекуваме земјата да стане членка на Алијансата за кратко време. Ние ја потврдуваме американската поддршка евроинтеграциите и европската перспектива на Северна Македонија. Тоа јасно го кажав тука во Скопје и ќе продолжиме тоа да го истакнуваме и на нашите европски партнери, исто така, изјави специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Метју Палмер денеска по средбата со премиерот Заев.
Истата оваа порака тој им ја пренел и на лидерите на политичките партии со кои се сретна изминативе два дена колку што е во земјава, како прва точка од неговата турнеја низ регионот при што ќе ги посети и Приштина, Белград и Атина.
-Пораката е во суштина иста: дека САД се пријатели и партнери на Северна Македонија, дека сме посветени на односите и на европската интеграција на Северна Македонија што подразбира подеднаква и јасна интеграција во НАТО и членство во ЕУ. Во тој контекст нашето партнерство е и со властите во Скопје и со нашите европски сојузници, рече Палмер, додавајќи дека продолжува и поддршката на Преспанскиот договор кој како што рече е основа за мир, стабилност и просперитет во балканскиот регион, за негова имплементација чекор по чекор.
Како што рече Палмер, американските амбасадори од Западен Балкан се состануваат денеска во Скопје каде ќе разговараат за повеќе прашања од регионално значење, што го оцени како одлична можност да ги споделат согледувањата.
-Очекувам за кусо време да се вратам и да продлжам со разговорите со нашите партнери тука во Скопје, најави Палмер.




