„Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда“, ова е мотото на третата Парада на гордоста во Скопје која почна во 17 часот во паркот „Жена борец“.

Протестниот марш по скопските улици ќе почне во 19 часот. Парадата ќе продолжи со културно уметничка програма на Стадионот на АРМ, која ќе биде отворена со настап на нашата претставничка на Евровизија, Андреа Коевска.

На стадионот на АРМ ќе настапи и оперската пејачка Наде Талевска, а свои диџеј сетови ќе имаат Андреј Мицајков, Јана Тодоровска, Мартина Пенева и Џинџер.

„Прајд е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост“, велат организаторите од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ).

Марштрутата  во 19 часот ќе започне од паркот „Жена-борец“ по улицата Димитрие Чуповски преку Рекорд, потоа на улицата Даме Груев и булевар ВМРО до крстосницата пред мостот Гоце Делчев.