Роберто Гарсија Парондо е во фокус на внимание во шпанските медуми во пресрет на Фајналфор турнирот во ракометаната Лига на шампиони во Келн. Во дебитантската сезона на кормилото на Вардар, тој успеа го одведе тимот до ново полуфинале во „Ланксес арена“ во која на 1 јуни ќе се пресметка со Барселона. Но, не било се мазно за него на патот со завршницата.
Вардаровиот тренер и иден селектор на Египет се соочувал со проблеми за задржување на концентрацијата на ракометарите низ целата сезона пришто, за среќа, наиде на професионален однос и пристап од нивна страна. Во интервју за шпански „Ас“ ги открива предизвиците што се испречувале на пат кон Германија и начинот на кој се менаџирала состојбата кај „црвено-црните“.
„Само еден месец добивме плата, останатите добивавме по 500 евра со кои не може да се живее во Македонија. Кога некој од играчите има потреба од повеќе пари, оди кај претседателот кој му дава некоја сума. Тој ги призна долговите за што има и нотарски документ и вети дека никому нема да остане должен. Затоа и не се сомневаме дека ќе бидеме исплатени. Ни беше речено да не очајуваме иако условите не се идеални“, истакнува Парондо во дел од разговорот за „Ас“.
Тој се навраќа и на средбата на екипата со раководството на клубот пред четвртфиналниот двомеч со ПИК Сегед.
„Тешко и комплицирано беше во сезоната досега и изненадувачки е што успеавме да се пласираме на Фајналфорот. Пред двомечот со ПИК Сегед ни беше кажано да си бараме нови клубови бидејќи иднината во клубот е неизвесна и дека тешко дека ќе опстане во ваква форма. Во меѓувреме се појавија и најави за спас што ги одржуваат надежите за изнаоѓање на решение. Тоа во секој случај се добри вести оти Вардар има армија навивачи во Македонија“, нагласува Парондо.
Вардар го освои третото место во групата А во Лигата на шампиони за Барселона и Веспрем. Во осминафиналето го елиминира ППД Загреб, а во четврт-финалето и ПИК Сегед. Каталонците ќе бидат ривали на „црвено-црните“ во полуфиналето на 1 јуни додека во вториот меч за пласман во големото финале ќе играат Веспрем и Кјелце.




