Партијата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја изгуби власта во главниот град Анкара на локалните избори по 25 години контрола, што се смета за неуспех на неговите 16 години владеење со земјата.
Кандидатот за градоначалник на Анкара на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) изјави дека правдата била задоволена.
– Ние ќе го прифатиме овој град (Анкара) без понатамошна дискриминација, рече Мансур Јаваш по изборите. Победници ќе бидат жителите на Анкара. Победникот е нашата демократија и сите други политички партии, рече тој.
Според неофицијални резултати, Јаваш води со 50,62 отсто од гласовите во Анкара.
Досегашните резултати покажуваат дека опозицијата победила, меѓу другото, и во Измир и Чанаккале.
Владејачката партија соопшти дека ќе се спротивстави на „неважечките гласови и неправилности“ во главниот град Анкара за време на локалните избори.
– Најдовме неважечки гласови и неправилности во повеќето од 12.158 избирачки места во Анкара, изјави Фатих Шахин, генерален секретар на Партијата за правда и развој.
– Ќе ги искористиме нашите легитимни законски права и нема да дозволиме волјата на нашите граѓани да биде променета во Анкара, рече Шахин.
Ердоган задоволен од резултатите
На национално ниво, коалицијата предводена од АКП освои повеќе од 51 отсто од гласовите на локалните избори.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган синоќа во Анкара изјави дека неговата партија е победник на локалните избори во земјата.
– Нашиот народ по 15-ти пат нѐ направи победници на изборите во Турција, рече Ердоган во традиционалното постизборно обраќање од балконот на зградата на АКП во Анкара.
Тој изјави дека владејачката АКП самостојно или со Народната алијанса, според досегашните прелиминарни резултати, освоила 778 градоначалнички места, вклучувајќи 16 метрополи, 24 провинции, 538 дистрикти и 200 области.
– Народната алијанса на локалните избори денеска оствари приближен резултат како на општите избори во јуни минатата година. Резултатот од изборите покажува дека АКПартија ќе управува со 56 отсто општини во нашата земја, рече Ердоган.
Ердоган истакна дека Турција во наредниот период ќе биде фокусирана на националните и меѓународните прашања.
– Во наредните 4,5 години нема да има избори. Што ќе правиме? Ќе се фокусираме на активности, како на национален, така и на меѓународен план, ќе бидеме обединети, и ако даде Господ, нашата земја ќе ја донесеме на ниво на современа цивилизација, рече Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека никој, вклучувајќи го и него лично, не е поважен од Турција, АКП и нејзината мисија.
Тој претходно изјави дека изборите се „своевиден референдум“ за неговото раководство.
И кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и на турската опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) синоќа прогласија победа во трката за градоначалник на Истанбул.
– Победивме во Истанбул, изјави кандидатот на владејачката АКП Бинали Јилдирим.

Кандидатот на опозициската ЦХП Екрем Имамоглу изјави дека е „многу јасно“ оти неговата партија победила во Истанбул, најголемиот град во Турција.
– Знам дека победивме, тоа е многу јасно, рече Имамоглу.
Според најновите резултати кои ги пренесуваат турските медиуми, Јилдирим е во мало водство со освоени 4.111.219 гласови, во однос на Имамоглу кој доби 4.106.776 гласови.
На вчерашните локални избори во Турција учествуваа вкупно 12 политички партии, 73 независни кандидати за началнички функции, а право на глас имаа 57 милиони граѓани.
Во Турција има вкупно 81 провинции, меѓу кои 30 метрополи, вклучувајќи ги и Истанбул и Анкара.

Според турските власти, за време на вчерашните избори, загинале две лица.
Темел Карамолаолу, водач на помала турска исламска политичка партија „Фелисити”, на Твитер објави дека волонтер и набљудувач биле убиени во еден округ во провинцијата Малатја.





