Партијата на Власите на својот шести конгрес, одржан вчера во Скопје, избра нов претседател и донесе клучни одлуки за идното политичко дејствување и организациско зајакнување на партијата.
Делегатите му ја доверија раководната функција на новоизбраниот претседател, Стерјо Папули, кој веднаш по изборот ја презентираше својата програма за работа.
Како претседател на Партијата на Власите од Македонија, истакнувам дека нашата политика се темели врз три столба: зачувување на влашкиот идентитет, јазик и култура, изградба на силни културни и образовни институции и активно учество во јавниот и општествениот живот. Веруваме дека токму преку овие три столба влашката заедница сигурно ја гради својата иднина и придонесува за напредокот на современа и европска Македонија, изјави Папули.
Во рамки на Конгресот беше промовирана и новата химна на партијата, инспирирана од влашката традиција и идентитет.
По повод одбележувањето на 25 години од основањето на партијата, беа доделени плакети и благодарници на ветерани и долгогодишни активисти кои придонеле во развојот и опстојувањето на ПВМ.




