Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ е новиот претседател на Управниот одбор на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Годишното изборно собрание на ААМ со едногласна одлука денеска реши дипломираниот архитект, дел од архитектонското „Студио Р“ да ја замени досегашната претседателка Даница Павловска – Циги, со цел продолжување на иницијативите и заложбите за поголемо интегрирање на професионалните архитекти во градежните текови.
Асоцијацијата потенцираше надградба и надополнување со нови идеи и креирање развојни стратегии за поактивно вклучување во повеќе сфери на општественото живеење и институциите. Со тоа, Управниот одбор е освежен со низа млади магистри и доктори во областа на архитектурата, градежништвото и просторното планирање.
Искуството на Даница Павловска е повторно дел од управата, а во подмладениот состав влегоа Искра Ефремова, Филип Дубровски, Дејан Секуловски, Ангел Ситновски и Дејан Ивановски. Архитектот кој е роден во Гостивар, Енис Јакупи, пак, е назначен за претседател на собранието на АММ.
Претседатеката на Асоцијацијата на архитекти во заминување Даница Павловска на денешното Собрание на оваа асоцијација изјави дека проблемите во урбанизамот и архитектурата се многубројни. Се гради на секој ќош, без притоа да се почитуваат минималните законски нормативи .
-Немам зборови да ги искажам разочарувањето од градежното лудило кое најмногу е изразено во главниот град,а посебено за архитектурата која се употребува, вели Павловска.
Акцијата наречена „Го сакам ГТЦ“ продолжува, ние не се откажуваме од борбата која ја започнавме, таа ќе продолжи и на полето на правната регулатива и на сите можни начини на делување. Ќе докажеме дека на некои објекти не може туку – така да им ја одземете душата.




