ВМРО ДПМНЕ имала три сметки, исплатувала пари за консултански услуги без фактури, а за новото партиско седиште води спор со фирмата која го градеше објектот – сето ова го открива Ревизорскиот Извештај за финансиското работење на партијата за 2016 година.
Од документите што ги добил на увид, Ревизорот констатира дека „не може да даде мислење за вистинитото и објективно прикажување на финансиките извешати на ВМРО ДПМНЕ за 2016 година кога партијата ја водеше Никола Груевски“ и изразува мислење со резерва за финанските трансакции со релевантаната законска регулатива.
ВМРО ДПМНЕ со три сметки во 2016
Освен редовната сметка, партијата во 2016 имала уште две сметки. ВО декември 2016 година, ВМРО ДПМНЕ склучила Договор за кредит во висина од 3 милиони евра за што под хипотека ја ставила новата партиска зграда. Од овие пари, 1,5 милиони евра префрлила на сметката на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори 2016, поради исполнување на договорот со коалиционите партнери. Според овој Договор „договорните страни се согласни во случај кога донациите и членарината нема да ги покријат преземените обврски за финансирање на изборната кампања 2016 година, истите ќе ги покрие носителот на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ“.
Другата сметка била за донации за жителите кои настрадаа во поплавите. Ревизорот констатира дека „постоење на повеќе од една жиро сметка не е во согласност со одредбите од Законот за финансирање на партии“.
Уметнички слики и консултански услуги без фактури
Ревизорот утврдил дека биле исплатени 450 000 евра врз основа на договори за превоз на лица и услуги за изработка и врамување на уметнички слики, но без доставени фактури од добавувачите.
„Ваквата состојба не е во согласност со член 10 од Законот за сметководството за непрофитните организации и член 13 од Правилникот за сметководството за непрофитните организации, согласно кои внесувањето на податоците во деловните книги мора да се заснова на веродостојни, целосни и уредни сметководствени документи, со што се докажуваат настанатите финансиски промени и влијае на можноста од потврдување на искажаните податоци во финансиските извештаи“ пишува во Ревизорскиот Извештај.
Во партиското седиште има вкупно 268 уметничка слика кои чинат 387 000 евра, а треба да пристигнат уште 20 слики.„До моментот на вршење на ревизијата, не е се доставени фактури за испорачаните слики, иако рокот е најдоцна пет работни дена од денот кога била извршена исплатата“ пишува Ревизорот.
Партијата склучила и договор за консултански услуги за кои исплатила 200 илјади евра за два месеци – од јануари до март 2016 година. На ревизијата и била презентирана фактура во износ од 123 000 евра за извршени услуги во април и мај 2016 година, која не е сметководствено евидентирана, поради тоа што опфаќа услуги за период кој не е во целост усогласен со периодот предвиден во склучениот договор, за што во тек се активности за проверка, потврдување и одобрување на фактурата за сметководствено евидентирање од страна на партијата.
Бил склучен и договор со странски консултант – за период од декември 2015 година до април 2016 година. На ревизијата и биле презентирани фактури за извршени услуги во јануари и февруари 2016 година, во вкупен износ од 62 илјади евра, додека за останатиот период не се презентирани фактури, ниту е приложен допис за предвремено раскинување на договорот.
Договор за рекламирање до 2020
Во Извештајот, Ревизорот констатира и дека политичката партија со еден радиодифузер имала склучено Договор за вршење рекламни услуги за период 2010-2019 година, во кој е уредено дека фактурирањето ќе се врши во две транши, односно на почетокот на 2016 и 2020 година, иако во член 31 и член 53 од Законот за данокот на додадена вредност радиодифузерот требало да издаде фактура на денот, а најдоцна во рок од пет работни дена од кога партијата била рекламирана во медиумот. Наведената состојба создава можност од ненавремено пресметување, пријавување и плаќање на ДДВ од страна на радиодифузерот.
Договорот со радиодифузерот бил склучен на 11.01.2010 со важност до 31.12.2019 година. Во 2016 година, радиодифузерот најпрво наплатил 776 000 евра за емитување на рекламни спотови за 4 години (од 2010 до 2014) и пресметал ДДВ во износ од 140 илјади евра, а подоцна кога партијата го раскинала Договорот, радиодифузерот наплатил уште 264 000 евра за рекламирање на ВМРО ДПМНЕ во 2015 година.
Детали за Договорот за изградба на партиската зграда
На 15 јануари 2013 година партијата склучила Договор за пренесување на право на градење на фирма, на градежното земјиште што е во сопственост и владение на ВМРО-ДПМНЕ а заради изградба на главниот штаб на партијата.
Врз основа на проценката која ја извршил овластен проценител е утврдено дека пазарната вредност на зградата е 14 милиони евра, а на градежното земјиште е 500 000 евра.
Новата зграда беше готова во 2015 година и тогаш со записник било констатирано дека опремата во износ од 700 000 евра и ситниот инвентар во износ од 200 000 евра се отстапени без надомест од страна на Друштвото за градежништво. Во текот на ревизијата, партијата со допис се обратила до Друштвото за градежништво со барање за објаснување дали инвентарот треба да добие третман на донација, а согласно Записникот за извршено примопредавање, но од таму им одговориле дека според склучениот Договор за вградената опрема и ентериерното уредување и опремување се приложени фактури.
Ревизијата истакнува дека за оваа состојба се води постапка пред надлежни органи, чиј конечен исход може да има влијание врз податоците искажани во финансиските извештаи.
Рекламното пано-дисплеј поставено веднаш пред партиската зграда чини 86 000 евра, но оваа сума ќе расте бидејќи при промена на проектот утврдени се дополнителни трошоци, пишува во Ревизорскиот извештај.
Ревизијата потенцира дека за дел од слабостите кои биле утврдени при финансикото работење на партијата постојат и „системски слабости, а за нивно надминување надлежни се други институции“.
Како слабости Ревизорот меѓу другото ги наведува начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината, непостоење на пречистени текстови на закони и неусогласеност на Упатството за распределба на буџетските пари за годишно финансирање на партиите со одредбите од Законот за финансирање на политичките партии .




