Македонија заслужува да стане членка на НАТО и треба да ја искористи секоја можност самитот на Алијансата во Кардиф да се претвори во Самит на проширување, порача денеска Сали Пејнтер, главен офицер на Блу стар стратеџис, невладина организација од САД специјализирана за креирање безбедносни и политички стратегии. Пејнтер побара засилен ангажман и од македонска страна.
-За влезот на Полска, Чешка и Унгарија во НАТО, во 1999 година, постоеше противење, бидејќи имаше загриженост дека Русија ќе ги нападне, но тоа не се случи. Мора сите поединци и сите лидери да бидат ангажирани за да се постигне напредок и самитот на НАТО во Кардиф да се претвори во самит на проширување. Од тоа не треба да се откажеме, би сакала да видам и повеќе ангажираност на Македонците за ова конкретно прашање. Можност за тоа постои и таа не би требало да се пропушти“, рече Пејнтер.
На предавањето во Воената академија во Скопје, Пејнтер рече дека се уште се чувствуваат последиците од неуспехот на самитот во Букурешт, на кој Бушовата администрација не доби поддршка од Франција, Британија и Германија ниту за Македонија, ниту за воспоставување поблиски врски со Украина и Грузија.




