Членството во ниту една организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите, рече во своето годишно обраќање претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Пендаровски додаде дека во целокупниот македонски политички врв, во власта и во опозицијата, тој не познава ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец.
-За такво нешто не е потребен референдум, бидејќи резултатот е однапред познат. Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема намера да разговара или да преговара за тие прашања и денес и во иднина затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава, во 1944 и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ, манифестот до македонскиот народ и Документот број 8, за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава“, рече Пендаровски.