Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска се обрати на централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата на Република Северна Македонија и јубилејот „30 години Армија“, што се одржа во касарната „Илинден“ во Скопје.
„На 18 август 1943 година, борците од неколку партизански одреди се здружија за да го формираат баталјонот „Мирче Ацев“, првата регуларна воена единица на македонската народноослободителна војска која, како дел од антифашистичката коалиција, низ борба ја создаде македонската држава. Како што во Втората светска војна, војската ја создаде државата, во 1992-та, независната македонска држава создаде своја Армија. 18-ти Август е симбол на историскиот континуитет, затоа што вие, припадниците на Армијата сте наследници на славната антифашистичка генерација чија цел беше слободна држава во свет ослободен од фашизмот“, рече меѓу другото претседателот Пендаровски.
Во рамки на централната свеченост, претседателот Пендаровски ги одликуваше првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, Логистичката база при Армијата и Организацијата на резервни офицери на Република Северна Македонија, со Орден за воени заслуги.
„Формирана во исклучително сложен геополитички и безбедносен амбиент, на крајот на Студената војна и во екот на крвавиот распад на Југославија, Армијата ги споделуваше сите предизвици на младата македонска држава. Започнавме скромно, со оскудни воени резерви, но, со обучени и посветени патриоти, старешини и војници, кои ги полнеа македонските касарни од првиот ден. Сакам, во оваа пригода, денес, на овој голем јубилеј, посебно да го поздравам првиот регрут во македонската армија – Панче Јамандиев од Велес. Низ годините, Армијата забрзано се модернизираше следејќи ги најновите стандарди и трендови во одбраната. Беше вложувано во образованието на кадрите, пред сé, на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“, но, и на воено-образовните установи во земјите-членки на НАТО. Значајно искуство се стекнуваше и преку активно учество во мировните мисии предводени од НАТО, од Европската Унија, од Обединетите нации и од нашите стратешки партнери“,
Трајан Гоцевски е одликуван за неговиот придонес во формирањето на Армијата како легитимна и регуларна вооружена сила на Република Северна Македонија.
„Армијата беше и главниот двигател за нашето членство во НАТО. Уште на самите почетоци, државата ја дизајнираше македонската одбрана со јасна цел и намера еден ден таа да биде целосно интегрирана во Евроатлантскиот безбедносен систем. Од тогаш минавме низ неколку периоди на непринципиелни надворешни блокади и погрешни внатрешни приоритети што го забавуваа нашиот од кон колективните безбедносни системи. Но, Армијата се реформираше во континуитет и помогна да не отстапиме од реализација на нашата стратешка цел. Армијата продолжува да биде нашиот најважен влог во колективната одбрана. И денес, нашите војници активно придонесуваат кон мирот и безбедноста во светот во мировните мисии во Босна и Херцеговина, во Либан, во Централно Африканската Република, на Косово и во НАТО мисијата во Латвија. Низ годините, Армијата прерасна и во кохезивна сила на македонското општество. Во неа сите наши етнички, верски и јазични разлики се обединети во лојалноста кон нашата заедничка татковина. Важен дел од трансформацијата на Армијата беше, а, ќе биде и понатаму, сè поголемата вклученост на припадниците на немнозинските етнички заедници, и на жените, во сите армиски структури, на сите нивоа, вклучително и во специјалните единици. Притоа, врвни критериуми за регрутација и напредување остануваат да бидат професионалните квалитети, посветеноста кон војничката професија и личниот интегритет“, порача Врховниот командант на Вооружените сили.
Логистичката база при Армијата се одликува за особениот, стратешки, долготраен придонес во планирањето, координирањето, организирањето и извршувањето на логистичката поддршка на командите и единиците на Армијата на Република Северна Македонија, со што овозможува успешно извршување на сите задачи во мир, војна и кризна состојба. Логистичката база својата подготвеност ја покажа со низа активности во текот на справувањето со мигрантската криза и пандемијата на ковид-19.
Организацијата на резервни офицери се одликува за особен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на државата и афирмирањето на воената професија, а по повод 70 години од нејзиното формирање.
Исто така, претседателот Пендаровски со указ го унапреди полковник Сашко Лафчиски во чин бригаден генерал и го постави полковник Васко Коколански за командант на Командата за обука и доктрини во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.