Претседателот Стево Пендаровски смета дека работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се многу блиску до договор за законот за јавно обвинителство ако има политичка волја.

Според Пендаровски, работата околу законот е исчистена и има уште две – три спорни прашања за кои двете партии имаат различно мислење.

Разликите за законот што се преостанати, вели Пендаровски, се толку мали што треба сите страни кои учествуваат да се надминат себе си и да најдат решение час поскоро во интерес на граѓаните.

Прашан дали е можно да свика нова лидерска средба за законот, шефот на државата рече дека одржува редовни контакти со сите лидери на политичките партии, но оти е многу битно да се види дали постои политича волја да се реши тој проблем.

– Ако нема политичка волја бесцелно е да ги собирам. И Свети Петар да ги собере нема да најде решение. Ако има волја не битно е кој ќе ги организира и каде ќе се сретнат, тие ќе најдат решение за половина час, изјави Пендаровски при денешната посета на Велес во рамки на проектот „Лице в лице“.

Нагласи дека недонесувањето на законот нема да биде пречка за очекуваната одлука во октомври за старт на преговорите со ЕУ.

– Ако не го донесеме тој закон нема да биде проблем за да добиеме датум за преговори во октомври. Со одлуката да се трансферираат предметите од СЈО во ЈОРСМ тој проблем е решен во овој период. Но се разбира многу е битно да имаме нов закон за јавно обвинителство со кој некогашната СЈО ќе биде и системско регулирано за да може да продолжи по предметите заради нас, заради државата. Битно е СЈО да биде дел од редовниот систем на обвинителството и во таа смисла апелирам до политичките лидери да се договорат што е можно побрзо, рече Пендаровски.

Работните групи на власта и опозицијата денеска во Собранието треба да одржат нова средба за законот за јавно обвинителство. Таа е прва по лидерската средба на Заев и Мицкоски која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение.

Министерката за правда Рената Дескоска пред средбата истакна дека не може да биде оптимист знаејќи со кого преговара, но оти ќе направат се од нивна страна да има стандарди во законот и ќе покажат добра волја таму каде што има простор.

Дескоска рече дека имаат волја да отстапат до таму до каде што ќе се придржуваат во рамки на европските стандарди и дека надвор од тоа нема да отстапуваат.

– Имаме повеќе клучни разлики, процедурата за заштитни механизми, именување на обвинител на челото на новото обвинителство, потоа дали воопшто ќе има ново обвинителство – постои разлика, и трето преодот на случаите, водењето на случаите, значи да се направи солидна правна рамка ако веќе го укинуваме Законот за СЈО, треба тие работи да бидат правно изрегулирани со цел да нема никакво сомневање, рече Дескоска.

Денешната средба на работните групи за законот за јавно обвинителство е прва по лидерската средба на Заев и Мицкоски која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение.

И премиерот Зоран Заев смета дека работните групи не се далеку од постигнување договор за законот за јавно обвинителство. Тој е оптимист и е подготвен да седне повторно со Мицкоски на маса, но откако преговарачките тимови ќе направат чекор напред.

Но лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека на СДСМ не му одговара да се донесе законот за јавно обвинителство и го кочи целиот процес.