-Сакам јавно да кажам и да се обврзам дека ќе бидам претседател на сите граѓани, и на оние кои гласаа за мене и на оние кои гласаа за моите противкандидати, како и на оние кои не излегоа на гласање.Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата, додаде Пендаровски во денешното обраќање по повод неговата инаугурација во Собранието на Република Северна Македонија, прво на оваа функција.
– Не постои толку мала земја во Европа што е толку поделена. Јавно се обврзувам дека ќе бидат претседател на сите – и на оние кои гласале за мене и за оние кои гласале за противкандидатите и на оние кои не гласале. Ќе бидам претседател на сите граѓани. Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го почнеме граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг, потенцира Пендаровски.
Шефот на државата го истакна и односот кон опозицијата кој, како што нагласи, е исто толку важен.
Најави дека ќе се бори против поделеноста во општеството, дека ќе ги штити правата на политичкото малцинство, дека максимално ќе се заложи за довршување на полноправното членство на земјава во ЕУ и НАТО, како и дека посебно внимание ќе посвети на меѓуетничките односи.
Според Пендаровски, кон криминалот, корупцијата и непотизмот ќе има нула толеранција, а поддршка ќе даде на граѓанскиот сектор и на медиумите.
– Ќе понудам модели за поширок консензус. Ќе се ангажирам во дипломатските напори, особено во членството во НАТО и ЕУ. Мислам и на меѓуетничките односи и заедници. Нулта толеранција за корупцијата и непотизмот. Власта, опозицијата и бизнис-секторот мора да работат заедно. Одличните односи со сите пет соседи и регионалната соработка ќе бидат приоритет. Почитувани, имам јасна цел да дадам поддршка кон граѓанскиот сектор, слободна работа на медиумите. Промоциите во армијата и безбедносните структури ќе бидат само според закон. Крајно време е да изградиме професионални институции кои нема да зависат од тоа кој е на власт, рече Пендаровски во првото обраќање како претседател на Република Северна Македонија, најавувајќи ги насоките на своето делување.
Пред обраќањето, Пендаровски даде свечена изјава со која ја презеде претседателската функција.
На денешната инаугурација, во Собранието присуствуваа досегашниот претседател Ѓорге Иванов и претходниот шеф на државата Бранко Црвенковски, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, министрите во Владата, началникот на ГШ на АРМ, гувернерката на Народна банка, поглаварите на верските заедници, претставници на судскста власт, на МАНУ.
Меѓу денешните присутни се и бугарскиот претседател Румен Радев, српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот претседател Илир Мета и косовскиот претседател Хашим Тачи, министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, грчкиот министер за надворешни работи Георгиос Катроугалос, заменик министерот за надворешни работи на Полска Мациеј Ланг, турскиот заменик министер за надворешни работи Фарук Кајмакчи и висок претставник на кабинетот на претседателот на Словенија Борут Пахор.
На инаугурацијата не присуствуваше премиерот Зоран Заев, кој најави дека од 10 до 14 мај ќе користи одмор од приватни причини. Тој претпладнево упати честитка со претседателот Пендаровски.
-Денеска нашата земја добива претседател – тоа е нашиот Стево Пендаровски, лидер кој ни се приклучува во водството напред, во нашата заедничка иницијатива со која ја правиме Северна Македонија убаво место за живеење. Денеска Пендаровски ја презема должноста да биде претседател на сите граѓани, натпартиски, да се бори за правда и правичност и да ја претставува земјата достоинствено насекаде низ светот, пишува во честитката.
Според премиерот, граѓаните потврдија дека мора да се продолжи напред, преку заедништво.
-Драг Стево, нека е честито. Успеавме. Граѓаните потврдија дека мораме да продолжиме напред, преку заедништво. Ти посакувам успех и верувам во конструктивна соработка во интерес на развојот. Сега одговорноста е голема. Те поддржувам за да им служиш посветено и праведно на сите граѓани и на нашата држава. Честитки, се гледаме наскоро во Скопје, на првото претседателско-премиерско кафе, и на првиот работен состанок. Нѐ чека многу заедничка работа, за нашиот народ, наведува Заев.









