Претседателот Стево Пендаровски смета дека сите инволвирани или споменати во врска со случајот „Рекет“ сами треба да се пријават и да дадат изјави, а не да чекаат да бидат повикани од надлежните органи.

– Мислам дека секој што е споменат, треба да даде изјави, дури и ако не е повикан од надлежен орган. Едноставно, како политичари сме должни да дадеме чист одговор пред јавноста дали преку соопштение или преку изјави пред надлежен орган и да кажеме – јас со таа и таа работа немам ништо, изјави Пендаровски при денешната посета на Велес.

Одговарајќи на новинарско прашање, Пендаровски појасни дека ги повикал надлежните да ги прекинат колективните годишни одмори во времето кога овој случај почнал да се развива во јавноста, бидејќи сметал дека аферата има такви пропорции што не може да се дозволи да има колективен годишен одмор во време кога јавноста очекува резултати.

– Околу темпото на истрагата, не можам да се мешам. Јас не повикав што е можно побрзо и не дадов рок до кога треба да има подигнато обвинение. Можеби нема да има. Јас повикав само да престанеме со користење на годишните одмори, бидејќи тоа не беше соодветно во тој момент, истакна Пендаровски.

Тој потсети дека на прес-конференцијата што ја одржал на 12 август кажал дека нема никаква релација со луѓето што се споменуваат и најави дека и во иднина има намера и за себеси и за луѓето од неговиот Кабинет, ако на било кој начин се споменати во било какви претпоставени незаконски дејства, да излезе со соопштение или со јавна изјава и да се даде отчет пред јавноста.

– Ние сме платени да дадеме отчет пред граѓаните, дури да дадеме одговор и на најнеоснованите конструкции што може да се направат. Ние сме должни да трпиме повисоко ниво на критика и јас ги повикувам и политичарите и позицијата и опозицијата и граѓаните тоа да го прават. Ние не смееме да бидеме херметични затворени во кабинетите и да чекаме да не повика официјален државен орган, рече Пендаровски.

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал денеска соопшти дека дека по севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција што постапува во предметот познат во јавноста како „Рекет“, ја заврши истражната постапка за осомничените лица.

Од денеска тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените, соопштоја од ОЈО.