Прва посета на Пендаровски како претседател на Република Северна Македонија ќе биде во соседно Косово.
Во интервју за косовскиот јавен радиодифузер, РТК, Пендаровски кажа дека, како нов претседател на Северна Македонија, лично ќе се заложи за натамошен развој на односите со Косово, во интерес на граѓаните на двете земји. За најавите за можни промени на границите како решение за регионалните спорови, Пендаровски кажа дека таквите решенија поттикнуваат конфликти.
„ Полоша идеја од оваа не сум слушнал. Сите знаеме дека промената на границите, каде и да се случи, е рецепт за конфликт. Да можеше оваа работа така да се реши на маса, до сега ќе беше решена. Но, оваа идеја, според информациите кои ги имам, нема подрршка ниту кај одлучувачките фактори во Европа и во САД. Јас со двете раце го поддржувам ставот на Европската унија која се залага за решение кое ќе го постигнат Белград и Приштина и кое нема да го дестабилизира регионот, туку ќе придонесе за негова стабилност, рече Пендаровски.
Тој вети дека ќе се ангажира и за што побрза изградба на делот од автопатот Приштина – Скопје на македонската страна, и изрази жалење што Македонија доцни со заокружување на овој проект на својата страна од границата.
Пендаровски утре ќе биде инаугуриран на седница во Собранието, на која ќе даде свечена изјава пред народните избраници, членовите на Владата, верските лидери, првите луѓе на армијата, дипломатскиот кор и гости од странство.
На инаугурацијата ќе присуствуваат бугарскиот претседател Румен Радев, албанскиот претседател Илир Мета и од косовскиот претседател Хашим Тачи.
Исто така, присутни ќе бидат и заменик премиерот на Турција и делегација од Словенија.




