Партијата на власт преку државните институции и со проекти од буџетот на граѓаните побрза да ја започне предизборната кампања. Оперативниот план за активни мерки и политики, надлежните експресно го донесоа во празнична атмосфера и веднаш започнаа конкурсите и јавните повици за наводна шанса за вработување.
Прашуваме зошто повикот за самовработување преку изјавите на министерот Диме Спасов е упатен само до невработените лица кои се активни баратели на работа, велат од партијата ПЕП21.
Во партиската реакција се вели дека и претходниот и сегашниот министер за труд и социјална политика една година јавно ги повикуваат невработените без двоумење да се изјаснат дека се пасивни баратели на работа, а за возврат нема да изгубат ниту едно законско или уставно право.
„Вчерашната изјава на министерот за труд и социјална политика го говори спротивното. Според неговата изјава, пасивните баратели на работа нема да можат да се јават на конкурсот за самовработување, односно не исполнуваат услови за пријавување и користење на средствата за самовработување. ПЕП 21 oчекува менаџерите на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување да си опстојат на претходно дадените изјави за правата и обврските на двете категории невработени лица кои ги наметнаа со нехуман и неуставен закон и бара и на пасивните баратели на работа да им се овозможи под исти услови како и активните баратели на работа да се јават на повикот и да учествуваат во користење на средствата за самовработување“, нагласуваат од партијата.




