Поранешниот македонски амбасадор во Австралија живеел живот на лаги и измами. Мамел членови на неговата заедница за да обезбеди големи суми на пари за операција од рак, иако не бил болен. Вака пишувааат австралиските медиуми за спорот на екс амбасадорот Перо Стојановски неговата поранешна љубовница Лидија Думбаловска, откако таа во случајот излезе како слободен човек. Обвинителството ги повлече обвинувањата против Думбаловска, а австралиските медиуми известуваат што ја испровоцирало таа одлука и што се зборувало пред да започне судењето помеѓу судијата, одбраната и обвинителството. Насловите во медиумите ниту малку не се пријатни за поранешниот дипломат. „Ослободена од дипломатскиот живот на лаги и измами“, вака пишува националниот весник Сиднеј Морнинг Хералд известува за причините за ослободувањето на Думбаловска.
Изнесувајќи детали од судницата, Морнинг Хералд пренесува дека „амбасадорот ја користел својата позиција на висока функција за да добие почит и доверба од луѓето, а потоа да се стекне со финансиски бенефиции преку измами“.
За врската со Думбаловска и обвинувањата за упад во неговиот стан, се вели дека такво нешто немало бидејќи Думбаловска имала клуч од станот затоа што до денот на провалата тие биле двојка. А скандалот и обвинувањата кои потоа дошле од екс-амбасадорот претставувале прикривање на она што Думбаловска го нашла во лап топот на Стојановски.
Одбраната се појавила со куп сведоци кои требало да говорат за однесувањето на Стојановски и во корист на Думбаловска, информираат австралистките медиуми.
Адвокатот на одбраната му кажал на судот дека Думбаловска таа вечер нашла порнографски материјали во лап топот на Стојановски и фотографии од нејзината ќерка за кои не знае кога биле сликани, пишува Сиднеј Морнинг Хералд.
Адвокатот пред започнувањето на судењето пред судијата рекол дека не само што ќе го покрене прашањето на кредибилитет на Стојановски во околу шест или седум области од неговиот живот , туку додал, исто така, дека има докази дека амбасадорот фалсификувал и банкарски документи.
Одбраната тврдела дека сведоците и материјалните докази кои ги обезбедиле ќе докажат дека Стојановски е лажго и измамник. Дури имало и докази дека парите кои ги собирал за лекување од рак на простата биле резултат на измама и дека, според одбраната, тој никогаш не бил болен. Сведоците и доказите кои ги презентирала одбраната на Думбаловска веројатно биле доволно убедливи за обвинението да биде веднаш повлечено и до судење воопшто да не дојде, информираат австралиските медиуми.




