На собраниските седници во периодот од јуни до декември минатата година за дискусии најмногу се јавувал Самка Ибраимовски, а воопшто не дискутирале 33 пратеници, покажува анализата на собраниската публикација „Мојот пратеник“.
Покрај него, за збор најмногу се јавиле Марјанчо Николов, Ивон Величковски, Цветанка Иванова, Горан Сугаревски, Јани Макрадули… Најмногу реплики и контрареплики имале Марјанчо Николов и Илија Димовски.
Од седниците ниту еднаш не отсуствувале 36 пратеници, меѓу кои претседателот и потпретседателот на Парламентот Трајко Вељаноски и Светлана Јакимовска, пратениците Силвана Бонева, Сузана Анова, Христина Рунчева…
Најмногу отсуства од седниците, пак, имаат Фиат Цановски, Али Ахмети, Тито Петковски и Мендух Тачи. Петковски, Ахмети, Тачи и Цановски се и меѓу пратениците кои воопшто не се јавиле за збор на пленарна седница.




