Петмина од затруените со печурки се наоѓаат во тешка здравствена состојба по масовното труење на осуммина членови од едно семејство од Тетово. На Клиниката за токсикологија за НОВА потврдија дека на нив попладнево им била извршена промена на целокупната затруена плазма од крвта, а на секој од нив им биле дадени по 12 кесиња крвна плазма. Вкупно 60 кеси плазма биле донесени од Клиниката за трансфузиологија за да им се спаси животот на затруените.
– Станува збор за тешко труење на ова осумчлено семејство, за кое претпоставуваме дека јаделе од една од најопасните печурки на овие простори, аманита. Пациентите штотуку ги донесовме од Клиниката за нефрологија, каде што им беше извршен активен третман на детоксикација. Медицинските тимови на Клиника се засилени за овие два дена со по двајца доктори и медицински сестри изјави за НОВА доктор Андон Чибишев директор на Клиниката за токсикологија.
Станува збор за млади луѓе, четворица од нив членови на потесно семејство од Тетово и нивни роднини. Една од затруените била донесена заедно со нејзиното петмесечно бебе, кое потоа е однесено на Клиниката за детски болести каде се наоѓа на опсервација.
.
– Го примивме поради претпазливост. Мајката го доела бебето, па се сомневавме токсинот преку млекото да не дојде и до него. До сега сите анализи се во ред. Најверојатно не е затруено. Утре се ќе биде појасно, бидејќи опсервацијата трае најмалку 48 часа – велат од Клиниката.
Ова е едно од најмасовните труења со печурки, но поради сезоната на печурки не е исклучена можноста и за други труења велат лекарите Поради ова лекарите препорачуваат особена внимателност кога се берат и консумираат печурките кои се берат на отворено.




