Петнаесет месечното бебе од Штип, кое е хоспитализирано во Клиниката за детски болести, каде го донеле родителите, се наоѓа во стабилна состојба и нема знаци на труење, информираат од клиниката.
Тоа синоќа било хоспитализирано во штипската болница под сомневање дека се затруло од отров со глувци по извршената дезинфекција во градинката „Астибо“ во Штип.
„Изминатиот викенд се вршеше редовна дератизација, дезинфекција и дезинсекција (3Д) од страна на Хигиенскиот завод во Штип, според сите прописи и процедури. Таков отров воопшто не може да се најде, бидејќи се прска. Бидејќи детето ставило нешто во уста, една од вработените се посомневала да не е случајно нешто отровно, имајќи предвид дека викендов се вршеше 3Д. Откако ме повикаа и ми го кажаа случајот, превентивно решив детето заедно со родителите да се однесе во болница, каде што според испитувањата констатирано е дека нема труење на детето“, објаснува Иле Митров, директорот на штипската градинка „Астибо“.
Според официјални информации од штипската болница, детето додека престојувало кај нив немало клинички знаци на труење. На Клиниката за детски болести во Скопје било испратено на барање на родителите.




